Кинескиот претседател Шји Џјинпинг предупреди дека глобалниот поредок се наоѓа во исклучително чувствителна фаза, обележана со нестабилност и длабоки промени, нагласувајќи дека едностраните и насилни потези сериозно го разнишуваат меѓународниот систем. Неговата изјава беше пренесена од кинеската државна телевизија Си-Си-Ти-Ви и доаѓа во момент на засилени глобални тензии.
Иако не ги спомена директно Соединетите Американски Држави или Венецуела, пораката на Шји беше јасна. Тој истакна дека сите држави мора да ги почитуваат развојните патишта што народите на другите земји самостојно и суверено ги избрале, без надворешен притисок или мешање. Според него, основен принцип на меѓународните односи мора да остане почитувањето на меѓународното право, како и целите и принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации.
Кинескиот лидер посебно нагласи дека токму големите сили имаат обврска да бидат пример во почитувањето на овие правила, наместо со свои постапки да создаваат дополнителна нестабилност и конфликти. Овие ставови Шји Џјинпинг ги изнесе за време на официјалната средба со ирскиот премиер Мајкл Мартин, која се одржа во Големата сала на народот во Пекинг.
Кина, која со години важи за еден од најцврстите политички и економски сојузници на Венецуела, реагираше остро по неодамнешната американска воена интервенција во таа јужноамериканска земја. По таа акција, венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга беа уапсени и задржани во американски притвор.
Пекинг јавно ги повика Соединетите Американски Држави веднаш да го ослободат Мадуро и неговата сопруга, оценувајќи дека станува збор за сериозно кршење на суверенитетот на една независна држава. Кинеските власти соопштија дека се длабоко шокирани од случувањата и ја осудија, како што наведоа, отворената употреба на сила од страна на САД против суверена земја, предупредувајќи дека ваквите потези можат да имаат далекусежни последици за меѓународниот мир и стабилност.
















