Турските власти прогласија „жолта“ метеоролошка тревога за дури 48 од вкупно 81 провинција во земјата, поради најави за сериозно влошување на временските услови. Според Турската метеоролошка служба, во наредниот период се очекуваат обилни врнежи од дожд, силни бури, снежни наноси и зголемен ризик од лавини, особено во планинските и источните делови на државата.
Најпогодени региони ќе бидат Мармара и крајбрежјето на Егејското Море, каде метеоролозите прогнозираат интензивни врнежи и силни бури што можат да предизвикаат локални поплави и проблеми во секојдневното функционирање. Во источна Турција, пак, властите апелираат на зголемена внимателност поради сериозната опасност од лавини, предизвикани од големи количини свеж снег и нестабилни снежни маси.
Поради лошите временски услови, можно е да дојде и до прекини во морскиот и воздушниот сообраќај. Силни ветрови од југ и запад ќе зафатат повеќе региони, меѓу кои Мармара, Егејското Море, северозападниот дел на Внатрешна Анадолија – особено околината на Ескишехир – како и западниот регион на Црното Море. Брзината на ветерот се очекува да достигне од 50 до 75 километри на час, а на одредени места и до 80 или дури 90 километри на час.
Граѓаните се предупредени на можни сериозни последици, како што се падови на дрвја и електрични столбови, лизгави и замрзнати патишта, оштетување и уривање на покриви, како и зголемен ризик од труење со јаглерод моноксид, особено при користење печки и греалки на природен гас. Надлежните институции апелираат да се избегнуваат патувања, освен во случаи кога тоа е апсолутно неопходно.
Во покраината Хаккари, временските услови веќе предизвикаа инциденти. Две студентки биле затрупани од голема количина снег што се лизнал од покривот на студентски дом. Благодарение на брзата реакција на нивните колеги, тие биле спасени и веднаш пренесени во болница, при што лекарите потврдиле дека се во стабилна здравствена состојба. Во округот Шемдинли, пак, тежината на снегот што паѓал од покривите довела до уривање на електрични столбови, што резултирало со целосен прекин на електричната енергија во таа населба.
На повеќе автопати, екипите за итни интервенции интервенирале за извлекување на возила што останале заглавени поради снежни наноси и лавини. Генералниот директорат за метеорологија дополнително предупреди дека од понеделник Турција ќе биде погодена од силен студен воздушен бран кој доаѓа од Балканот и Сибир. Се најавуваат обилни снежни врнежи во многу региони, како и нагло опаѓање на температурите под нулата, што дополнително ќе ја зголеми опасноста од мраз, лавини и сообраќајни проблеми.

















