ПРВ.мк
Свет

Жителите на САД должат се повеќе: Кредитните картички креираат нов проблем!

Жителите на САД должат се повеќе: Кредитните картички креираат нов проблем!

Долговите по кредитни картички во САД повторно се зголемуваат и се приближуваат до историскиот максимум, покажуваат најновите податоци на Федералните резерви на Њујорк.

Во вториот квартал од годината, Американците на своите кредитни картички должеле вкупно 1,26 билиони долари, што е зголемување од 21 милијарда долари во споредба со претходниот квартал.

Новата сума е само малку под рекордот од 1,28 билиони долари, регистриран на крајот од минатата година.

Економистите зголемувањето на долгот го поврзуваат со високото ниво на потрошувачка, но и со поскапувањето на секојдневните потреби. Повисоките цени на храната, горивото и останатите основни производи ги натерале дел од домаќинствата уште повеќе да се потпираат на кредитните картички за покривање на трошоците.

Особено загрижувачки е податокот дека расте и бројот на луѓе кои доцнат со отплатата на своите долгови.

Според достапните податоци, уделот на лицата чии обврски не биле платени повеќе од 90 дена пораснал од 7,8 отсто во средината на 2022 година на 12,8 отсто на почетокот од оваа година.

Тоа покажува дека проблемот не се однесува само на зголеменото задолжување, туку и на сè поголемите тешкотии кај дел од домаќинствата навреме да ги сервисираат своите обврски.

Во меѓувреме, вкупниот долг на американските домаќинства достигнал огромни 18,8 билиони долари.

Најголем дел од оваа сума отпаѓа на станбените кредити. Хипотекарниот долг достигнал 13,12 билиони долари, што претставува убедливо најголема категорија во вкупното задолжување.

По него следуваат кредитите за автомобили, кои достигнале 1,71 билиони долари, што воедно претставува нов рекорд.

Студентските кредити се на ниво од околу 1,65 билиони долари, додека кредитните картички се следната голема категорија на задолжување.

Податоците на тој начин покажуваат дека американските домаќинства се соочуваат со огромен товар од различни видови кредити. Додека потрошувачката и понатаму останува висока, растот на долговите и доцнењето во отплатата се показатели кои внимателно ги следат економистите, бидејќи можат да дадат слика за финансиската состојба на домаќинствата.