Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска оствари телефонски разговори со повеќе европски лидери, при што главни теми беа напорите за воспоставување траен мир во Украина, можната нова рунда преговори и обновата на земјата по завршувањето на војната.
Со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Зеленски разговарал за обновата на Украина по војната, како и за координација меѓу меѓународните партнери во правец на постигнување праведен и траен мир.
„Координираме сè – контактите и чекорите – што е можно поблиску. Клучно е да се одржи единството меѓу сите партнери и да се бараат решенија кои навистина можат да го запрат овој воен конфликт со праведен мир“, истакна Зеленски.
Тој додаде дека со Мерц разговарале и за неодамнешниот телефонски разговор што го имал со американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува агенцијата Ukrinform.
И финскиот претседател Александер Стуб бил информиран од страна на Зеленски за контактот со Трамп, а разговорот вклучувал и мерки за зголемување на притисокот врз Русија.
„Работиме со нашите партнери за да осигуриме дека притисокот ќе ги принуди Русите да го променат своето однесување. Санкциите играат важна улога и сум благодарен на сите што работат на нивно засилување против оние кои се одговорни за оваа војна“, изјави украинскиот претседател.
Во разговор со италијанската премиерка Џорџа Мелони, Зеленски ги разгледал можните платформи за започнување дијалог со Русија.
„Одличен разговор со премиерката Мелони, како и секогаш со многу добри идеи. Разменивме ставови за вчерашниот разговор со претседателот Трамп и со европските лидери. Италија ги поддржува сите напори за воспоставување праведен мир“, рече Зеленски.
Претседателот на Украина телефонски разговарал и со британскиот премиер Кир Стармер, при што биле разгледани можностите за обезбедување траен мир и прекин на огнот. Зеленски ги поздрави новите санкции што ги воведе Обединетото Кралство против Русија.
„Само силата може да доведе до резултати. Денеска има нова одлука за санкции од Велика Британија, како и од Европската унија. Би било корисно доколку и Соединетите Американски Држави се приклучат со сличен чекор. Европските партнери веќе ги подготвуваат следните потези со цел засилен притисок врз Русија за ставање крај на војната“, изјави тој.
Според Ukrinform, лидерите на двете држави разговарале и за детали од заедничките дипломатски активности, како и за можни состаноци што би можеле да придонесат за трајно примирје и стабилен мир.
Зеленски имал телефонски разговор и со францускиот претседател Емануел Макрон, каде што теми биле воената помош од Франција, заедничката одбранбена соработка и координацијата на односите со САД.