Зеленски од Прага: Одредени европски лидери ги кочат интеграциите поради врски со Москва
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на официјалната посета на Прага, остро се осврна на однесувањето на некои европски политичари кои, според него, го блокираат процесот на европска интеграција на Украина не од стратешки, туку од лични и политички причини.
„Жал ни е што одредени личности во Европа го попречуваат овој процес – не затоа што тоа е во интерес на нивните земји, туку затоа што посакуваат подобра позиција на подиумот на Црвениот плоштад“, изјави Зеленски на заедничката прес-конференција со чешкиот претседател Петар Павел, пренесе украинската агенција Укринформ.
Политички блокади и предупредување за можни руски провокации
Зеленски ѝ се заблагодари на Чешка за континуираната поддршка и потсети дека Украина е подготвена да го отвори првиот преговарачки кластер за членство во Европската Унија уште оваа година.
Во однос на безбедносните ризици, украинскиот претседател предупреди на можноста од провокации од страна на Русија за време на воената Парада на победата што ќе се одржи на 9 мај во Москва.
„Свесни сме со какви соседи имаме работа – Русија – и што се подготвени да сторат за внатрешно политички поени. Ова не е првпат Москва да дава ветувања за прекин на огнот. За време на Велигден, и покрај јавно даденото ветување, руските сили изведоа повеќе од 100 напади“, изјави Зеленски.
Украина не гарантира безбедност за странски делегации во Москва
Зеленски уште еднаш потенцираше дека Украина нема можност да гарантира безбедност на странските делегации што би присуствувале на парадата во Москва.
„Руската страна може да преземе какви било мерки против странските гости, а Украина не може да сноси одговорност за настани што се случуваат на територијата на Руската Федерација“, нагласи тој.
Во завршната изјава, Зеленски истакна:
„Важно е во Европа да доминираат европските вредности, а не каприците на поединечни политичари. Европа мора да биде силна за да може да ги заштити интересите на сите нејзини граѓани.“