Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ја осуди најавената парада во Москва по повод 9 Мај – Денот на победата, нарекувајќи ја „парада на цинизам и лаги“.
Во објава на социјалните мрежи, Зеленски порача дека 80 години по победата над нацистичка Германија, светот мора да се спротивстави на „руското зло“. „Мораме да се бориме заедно, решително и силно“, истакна тој од Киев.
Тој додаде дека комеморациите кои Кремљ ги организира се обид за манипулација со историјата, токму во време кога Русија води агресивна војна против Украина.
Централната воена парада по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна ќе се одржи утре, 9 мај, на Црвениот плоштад во Москва. Во рускиот главен град веќе пристигнуваат дел од поканетите странски лидери, додека безбедносните мерки се на највисоко можно ниво поради страв од украински напади со беспилотни летала.