Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Киев со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, откри дека буџетот за една година војна изнесува 120 милијарди долари. Половина од сумата (60 милијарди долари) доаѓа од украинскиот буџет, додека останатите 60 милијарди треба да се обезбедат за следната година.
Зеленски, сепак, нагласи дека се надева на брз крај на војната и потенцираше дека планираните пари можеби нема да бидат потребни. „План А е да ја завршиме оваа војна, а план Б е да обезбедиме 120 милијарди долари за следната година“, истакна претседателот, додавајќи дека големината на финансиското оптоварување го покажува обемот на проблемот со кој се соочува Украина.