Зеленски: Повикот на Путин е позитивен сигнал, но првиот чекор мора да биде прекин на огнот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави иницијативата на рускиот претседател Владимир Путин за директни мировни преговори, оценувајќи го повикот како позитивен сигнал по долг период на воена ескалација. Преку објава на платформата Х, Зеленски порача дека првиот и најважен чекор кон ставање крај на војната мора да биде итен прекин на огнот.
„Тоа е позитивен знак дека Русите конечно почнаа да ја разгледуваат можноста за крај на војната. Целиот свет го чекаше тоа многу долго. Првиот чекор кон вистински крај на секој конфликт е прекин на огнот“, напиша Зеленски.
Тој истакна дека нема никаква логика во продолжувањето на крвопролевањето, дури ни за еден ден повеќе, и додаде дека Украина очекува Русија да го потврди целосниот и траен прекин на огнот веќе на 12 мај.
„Нема смисла да се продолжи со убиствата уште еден ден. Очекуваме Русија да го потврди прекинот на огнот – целосен, постојан и сигурен – почнувајќи од утре, 12 мај. Украина е подготвена за средба“, изјави украинскиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно предложи директни преговори со Украина да се одржат на 15 мај во Истанбул, со поддршка од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Од Киев сè уште нема официјална потврда за учество на средбата или за локацијата, но коментарите на Зеленски укажуваат на отвореност кон мировен процес, со јасно поставен услов – итен прекин на огнот како предуслов за каков било договор.