Кинеската воена технологија во фокусот на судирот меѓу Индија и Пакистан
Ситуација меѓу Индија и Пакистан, која ескалираше во вечерните часови во вторникот, 6 април, повторно го втурна регионот на Кашмир во центарот на вниманието. Иако претходно беше постигнато примирје, нови снимки од експлозии ја разгорија тензијата, а како што пренесува CNN, во преден план се најде кинеската воена технологија, која активно се користи на теренот.
Акциите на кинеската државна компанија „AVIC Chengdu Aircraft“ бележат пораст од околу 40 проценти оваа недела, откако Пакистан објави дека ги користел кинеските борбени авиони J-10C за да собори индиски летала, вклучувајќи и француски авиони „Рафал“.
Индиската страна досега не ги демантираше тврдењата дека изгубила две летала, ниту пак ги коментираше обвинувањата од Исламабад. Од кинеското Министерство за надворешни работи изјавија дека не се запознаени со деталите околу ситуацијата.
Кина, која важи за најголем снабдувач со оружје на Пакистан, учествувала со 81 процент од вкупниот увоз на оружје во земјата во последните пет години. Пекинг и Исламабад, често нарекувани „братски држави поврзани со челик“, соработуваат во различни воени сегменти – од испорака на ракети, радари и ПВО-системи, до борбени авиони и обука на персоналот.
Оваа стратешка соработка се проширува и на заеднички воени вежби, симулации на борбени операции, како и интеграција на вештачка интелигенција во прецизни напади. Воени аналитичари сметаат дека актуелниот конфликт меѓу Индија и Пакистан претставува неформален тест за способностите на кинеската воена технологија во реални борбени услови.