Аеродромските власти на Индија денеска соопштија дека повторно се отворени 32 аеродроми кои беа затворени за време на неодамнешниот вооружен конфликт со соседен Пакистан, по постигнувањето примирје што стапи во сила во саботата.
Според соопштението, сите 32 аеродроми сега се отворени за цивилен авионски сообраќај, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Истовремено, Пакистанската агенција за управување со аеродроми потврди дека во саботата целосно го отворила својот воздушен простор.
Најголемата индиска авиокомпанија, „ИндиГо“, најави дека постепено ќе ги обнови летовите на рутите кои беа привремено суспендирани.
Авионскиот сообраќај во голем дел од воздушниот простор над Индија и Пакистан беше прекинат на 7 мај, по нападите на индиските сили врз цели во Пакистан како одмазда за терористичкиот напад што се случи на 22 април во индискиот дел на Кашмир, при што загинаа 26 туристи. Индија го обвини Пакистан за вмешаност, обвинување што Исламабад остро го негираше.
Постигнувањето на примирјето е резултат на посреднички напори од страна на САД.