Идеја за голем парк кај Аквадуктот во Скопје – потенцијален нов рекреативен центар
Ханес Јекл, еден од иницијаторите на граѓанската акција „Генералка Викенд“, во гостување во емисијата „Daily Click“ на ТВ21 изјави дека постои идеја за создавање голем парк во близина на Аквадуктот во Скопје.
„Да, тоа е идеја што постои веќе подолго време. Не сме единствените кои предложија да се направи парк. Тоа има значење. Ако размислиме за развојот на градовите, тие не се развиваат во рамка од 2-3 години. Размислуваме 10 години нанапред пред да се направи голема инфраструктурна промена во една општина. Ако мислиме 10 години нанапред, мора да размислиме за местото околу Аквадуктот и каде ќе биде. Се наоѓа на крстосница, многу е блиску до Приштина, се работи за отворен простор што поврзува 3-4 општини: Карпош, Чаир, дури и Шуто Оризари и Бутел“, изјави Јекл.
Тој нагласува дека ваквата иницијатива може да се претвори во значаен рекреативен простор за голем број граѓани.
„Ова може да прерасне во нов центар за рекреација за десетици, можеби и за стотици илјадници луѓе“, додаде тој.
Јекл потенцира дека Аквадуктот сам по себе претставува природен и историски центар.
„Исто така има природен центар, а тоа е Аквадуктот. Неколку интересни факти за Аквадуктот. Малку го истражувавме пред да пратиме кутри луѓе да го чистат. Аквадуктот е стар приближно 1500 години. Ја надживеал Римската Империја, преживеал две светски војни, Отоманската Империја и сѐ уште е тука. Ама нешто и не преживеал. Во времето на Тито таму вежбале стрелање со тенкови. Еден тенкист случајно го погодил Аквадуктот. Ама Аквадуктот го преживеал дури и тоа време. Во основа, кога зборувам во рамка на 10 години тоа е смешна бројка за Аквадуктот“, рече Јекл.
Во изјавата тој истакна и пошироката важност од еколошки и туристички аспект, како и потенцијалот за развој на Скопје како регионален центар.
„Може да се создаде нешто што до сега не било направено, колку што ние знаеме, во овој дел од Европа. Еден историски споменик кој е многу значаен може да биде центарот на нешто што ќе ги привлекува луѓето, не само од Скопје и соседните општини, туку и од соседните држави до одат таму и да искусат 2000 години историја, да искусат нешто посебно што го нема во соседните држави. Имаме историја, аспекти и величина. Не треба да заборавиме дека Скопје е големо. Во регионов со 600.000 жители е најголемиот град во радиус од 200-300 км. Затоа е природен центар за трговијата, за економијата, ама и за забавата. Мислам дека ова е шанса од еколошки аспект и од рекреативен аспект, како што кажа претседателката, но и Орце, кој има развоен план и кажа дека ова би можело да биде локација за парк и рекреативен центар и можеби ќе стане место каде што ќе доаѓаат луѓе однадвор за да го искусат тоа“, заклучи Јекл.
Извор: ТВ21