ПРВ.мк

Јаулески: Јабланица е на чекор да стане заштитено природно богатство

Јаулески: Јабланица е на чекор да стане заштитено природно богатство
Jumbo Banner

Јабланица, една од највпечатливите планини во Македонија, е пред историски момент – да стане заштитено природно подрачје. Ова го најави пратеникот Јован Јаулески, потенцирајќи дека процесот е веќе започнат преку изработка на Студија за валоризација на природните вредности на планината.

Студијата ја спроведува Министерството за животна средина во соработка со општините Струга и Вевчани, а нејзината цел е да ги потврди уникатните природни карактеристики на Јабланица и да ја постави основата за нејзино официјално прогласување за заштитено подрачје, па дури и за национален парк.

„На релативно мал простор се среќава исклучително богатство – од геоморфолошки форми и преубави пејзажи, преку раритетни и ендемични видови, до специфични хидролошки појави. Јабланица е природно чудо кое заслужува трајна заштита“, порача Јаулески.

Планината има и огромно значење за научната заедница, особено за истражувањата поврзани со глацијалниот и постглацијалниот период. Таа е и клучен коридор за движење на крупен дивеч, меѓу кои мечки, волци и критично загрозениот балкански рис.

Јаулески повика на почит и одговорност кон македонските природни богатства: „Да ги посетуваме планините, да уживаме во нивниот раскош, но и да ги чуваме. Македонија е единствена токму по ваквите убавини кои ги нема на друго место во светот.“

Со финализирањето на студијата, се очекува планината Јабланица конечно да добие статус кој одамна го заслужува – статус на природно богатство од национално значење.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран