ПРВ.мк

ЕУ менува неколку важни работи поврзани со возачките дозволи – неколку работи кои треба да ги знаете

ЕУ менува неколку важни работи поврзани со возачките дозволи – неколку работи кои треба да ги знаете
Jumbo Banner

ЕУ воведува дигитална возачка дозвола – постарите возачи под потенцијални нови ограничувања

Земјите-членки на Европската Унија ќе имаат рок од пет и пол години да ја воведат дигиталната возачка дозвола, според новите измени на директивите кои неодамна ги усвои Европскиот парламент. Новата дозвола ќе биде достапна преку паметен телефон и ќе стане стандардна форма на идентификација за возачите во ЕУ. Сепак, возачите ќе имаат право, по барање, да добијат и физичка верзија на дозволата.

Покрај дигитализацијата, новите правила отвораат можност земјите-членки да воведат пократок рок на важење на возачките дозволи за граѓаните постари од 65 години. Ваквата одредба се смета за една од најконтроверзните во реформата.

Организацијата AGE Platform Europe, која ги претставува интересите на постарите лица ширум Унијата, остро реагираше на оваа можност, оценувајќи ја како потенцијална форма на дискриминација врз основа на возраста.

„Ваквите мерки не се засноваат на научни докази што би го оправдале автоматското намалување на важноста на возачката дозвола по одредена возраст. Наместо тоа, потребна е индивидуална проценка на способноста, без оглед на возраста“, соопштија од AGE Europe.

Од организацијата потсетуваат дека многу повозрасни граѓани и понатаму активно, одговорно и безбедно учествуваат во сообраќајот, и предупредуваат дека неоснованите ограничувања би можеле да влијаат негативно врз нивната мобилност, независност и квалитет на животот.

Иако конечната одлука за имплементација на оваа мерка останува во рацете на секоја земја поединечно, се очекува темата да биде предмет на интензивна јавна и политичка дебата во следниот период.

Според податоците, повозрасните возачи сепак се вклучени во значаен број сообраќајни инциденти. Во првите седум месеци од 2024 година, возачи над 65 години биле одговорни за 2.688 сообраќајни несреќи, при што биле повредени 779 лица, а загинале 24.

Новите директиви претставуваат дел од пошироката стратегија на ЕУ за модернизација на сообраќајната регулатива, со фокус на безбедноста, дигитализацијата и приспособувањето на потребите на различните возачки категории.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран