Социјалистите на Еди Рама во убедливо водство на парламентарните избори во Албанија
Социјалистичката партија на Албанија, предводена од актуелниот премиер Еди Рама, остварува силно водство на парламентарните избори одржани на 11 мај, покажуваат најновите податоци објавени од Централната изборна комисија (ЦИК).
До утрово беа пребројани 1.083 гласачки кутии од вкупно 5.225, а социјалистите имаат освоено 53,26% од гласовите. Според првичната распределба на мандати, партијата на Рама обезбедува 82 пратенички места во албанскиот парламент, при што предничи во главните изборни единици, меѓу кои Тирана, Фиер, Драч и Елбасан.
Премиерот Рама се огласи преку социјалните мрежи рано изутрина, објавувајќи фотографија од седиштето на партијата осветлено во розова боја, придружена со пораката: „Каква зора е денес“, и симболично го наведе бројот 5 – изборниот број на Социјалистичката партија.
Од другата страна на политичкиот спектар, коалицијата предводена од Демократската партија (ДП) освои 50 мандати, што претставува пад од 13 места во споредба со минатите избори.
Лидерот на ДП, Сали Бериша, на прес-конференција пред полноќ изрази сомнеж во изборниот процес, обвинувајќи за, како што рече, „обиди за фалсификување од страна на силеџиите во Драч“. Тој сè уште не се изјасни дали ќе го признае изборниот резултат.
Кај помалите партии, Партијата на социјалдемократите (ПСД) на Том Доши се позиционираше како трета политичка сила со освоени 4 пратенички места. Коалицијата „Nisma Shqipëria fëster“ доби 2 мандати, додека Партијата на можности и движењето „Заедно“ обезбедија по еден пратеник.
Изборниот процес во Албанија се следи со зголемено внимание, како од домашната јавност, така и од меѓународните набљудувачи, особено поради политичката поларизација и нерешените несогласувања во редовите на опозицијата.