Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, ќе се најде пред суд оваа недела како клучен сведок во големо судење, во кое акционерите на компанијата бараат отштета од дури 8 милијарди долари. Причината? Долгогодишна злоупотреба на личните податоци на корисниците на Facebook, без нивна согласност.
Тужбата, која ја објави Ројтерс, ги обвинува Закерберг и уште неколку високи директори, меѓу кои се Шерил Сандберг, Марк Андресен, Питер Тил и Рид Хејстингс, дека го прекршиле договорот со Федералната трговска комисија (FTC) од 2012 година, кој им наложуваше строга заштита на приватноста на корисниците.
Случајот се темели на скандалот од 2018 година, кога излезе на виделина дека британската компанија за политички консалтинг – „Кембриџ Аналитика“, успеала да собере податоци од милиони Facebook корисници – без нивно знаење и дозвола. Овие податоци биле искористени во политички цели, вклучително и за време на претседателските избори во САД.
Тужителите тврдат дека раководството на „Мета“ не само што било свесно за ризикот, туку и свесно не презело доволно мерки за да го спречи собирањето на личните информации, со што сериозно го нарушиле договорот со федералните регулатори и ги оштетиле интересите на компанијата и нејзините инвеститори.
Овој судски процес може да има сериозни последици – не само финансиски, туку и по угледот на компанијата, токму во период кога „Мета“ се обидува да се позиционира како лидер во новата дигитална ера преку своите инвестиции во вештачка интелигенција и метаверзумот.