Обилните врнежи предизвикаа сериозни поплави во централниот дел на Јапонија, а околу 111.000 жители во пет општини добија повик за евакуација.
Јапонската метеоролошка агенција издаде посебно предупредување за обилни дождови за делови од префектурата Фукуи, каде состојбата дополнително се влошува поради опасноста од поплави и свлечишта.

Околу 244.000 луѓе се предупредени да преземат итни мерки за сопствена безбедност. На повеќе места се регистрирани свлечишта, додека возила останале заглавени на поплавените патишта.
За градовите Фукуи, Оно и Кацујама првично било активирано највисокото, петто ниво на предупредување. Тоа се издава кога катастрофа веќе се случува или постои непосредна опасност по животот на населението.

Подоцна предупредувањето било намалено на четврто ниво, но и тоа подразбира потреба жителите во загрозените подрачја да се евакуираат.
Во период од само 24 часа во Кацујама, Сакаи и Фукуи биле регистрирани рекордни количества дожд – над 300 милиметри.

Поради наглото зголемување на нивото на водата, јапонското Министерство за земјиште, инфраструктура, транспорт и туризам разгледува и контролирано испуштање вода од браната Сакаи, со цел да се обезбеди дополнителен капацитет.

Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата, додека населението во загрозените области е повикано да ги почитува наредбите и предупредувањата за евакуација.







