ПРВ.мк
Свет

Воена тревога во Европа: Кренати борбени авиони Ф-16, населението добило итно предупредување

Воена тревога во Европа: Кренати борбени авиони Ф-16, населението добило итно предупредување

Романија, членка на НАТО и Европската Унија, активираше два борбени авиона Ф-16 и воен хеликоптер откако во близина на нејзината граница со Украина биле забележани три беспилотни летала.

Романското Министерство за одбрана потврди дека воените летала биле испратени за следење на ситуацијата и надзор на пограничниот регион.

Дроновите биле откриени во близина на украинскиот град Вилково, недалеку од романската граница и делтата на Дунав.

Поради можната опасност, властите испратиле итно предупредување до населението во северниот дел на округот Тулча преку националниот систем за известување РО-Алерт.

Граѓаните биле предупредени дека постои ризик од паѓање објекти од воздух, поради што биле повикани на претпазливост.

Двата борбени авиона Ф-16 полетале за да ја следат ситуацијата, додека воениот хеликоптер бил ангажиран за дополнителен надзор на пограничното подрачје.

Според информациите од радарскиот систем, трите дронови останале во украинскиот воздушен простор.

Романските власти потврдиле дека беспилотните летала не навлегле на територијата на Романија, по што предупредувањето до населението било укинато.

Ова не е првпат романската војска да реагира поради активности на дронови во близина на границата со Украина.

Во претходни случаи, по руските напади врз украинските пристаништа и инфраструктурата покрај Дунав, на романска територија биле пронајдени остатоци од беспилотни летала.

Поради зачестените безбедносни инциденти, Романија го засили воздушниот надзор и одбранбените мерки долж границата со Украина.

Целта на овие активности е навремено откривање на потенцијалните закани и спречување на прелевање на последиците од војната во Украина на територијата на земја членка на НАТО.