На кампусот на Универзитетот во Хирошима денеска беше пронајден објект за кој постои сомневање дека претставува неексплодирана бомба од Втората светска војна, соопшти локалната полиција.
Сомнителниот предмет, долг околу 90 сантиметри и со пречник од 25 сантиметри, е откриен утрово околу 10:20 часот на градилиштето во рамки на кампусот Касуми, лоциран во дистриктот Минами, јави јапонската агенција „Кјодо“.
Бомбата ја пронашле градежни работници за време на ископувања што се изведуваат во склоп на рушењето на старата зграда на Фармацевтскиот факултет. Поради безбедносни причини, пристапот до локацијата е ограничен, а сите попладневни предавања се откажани.
Јапонските Сили за самоодбрана се повикани на терен со цел безбедно отстранување на сомнителниот објект.
Кампусот се наоѓа на околу 1,8 километри јужно од главната железничка станица во Хирошима.