ПРВ.мк

Берлин: ЕУ e подготвена за построги санкции против Русија доколку нема напредок во мировните преговори

Берлин: ЕУ e подготвена за построги санкции против Русија доколку нема напредок во мировните преговори
Jumbo Banner

БЕРЛИН – Европската унија е подготвена да воведе дополнителни и построги санкции кон Руската Федерација доколку оваа седмица не се постигне значаен напредок во преговорите за ставање крај на војната во Украина. Ова денеска го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на заедничка прес-конференција со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Берлин, пренесува Ројтерс.

Мерц посочи дека нов пакет санкции веќе е подготвен и дека Брисел внимателно го следи однесувањето на Москва. Според него, Европската унија очекува рускиот претседател Владимир Путин да се вклучи конструктивно во дијалогот, а во спротивно, Брисел ќе пристапи кон дополнително заострување на санкциите.

Германскиот канцелар исто така најави дека се разгледува можноста за воведување санкции и во доменот на енергетиката, како и на рускиот финансиски пазар. Тој истакна дека би било „неразумно“ украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати нови компромиси во преговарачкиот процес, но додаде дека го поддржува неговото учество на разговорите со руските претставници кои се закажани за четврток.

Од Кремљ денеска соопштија дека продолжуваат подготовките за претстојниот состанок со Украина во Истанбул. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека засега Москва не планира да даде дополнителни информации или коментари во врска со преговорите, пренесе агенцијата ТАСС.

Претседателот Путин предложи обновување на директните преговори со Украина без предуслови, кои беа прекинати во 2022 година, со почеток на дијалогот закажан за 15 мај во Истанбул.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека ќе учествува на разговорите во Турција, но уште од самиот почеток инсистираше на директна средба со Владимир Путин. Засега не е познато на кое ниво Русија ќе биде претставена на состанокот.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран