СОФИЈА – Претседателката на бугарското Народно собрание, Наталија Киселова, го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев за одржување референдум за воведување на еврото, оценувајќи дека истиот е спротивен на бугарскиот устав. Веста ја пренесе државната новинска агенција БТА.
Предлогот на Радев предвидуваше референдумот да се одржи следната година, со прашањето: „Дали се согласувате дека Бугарија треба да ја воведе единствената европска валута – евро – во 2026 година?“
Владата остро го критикуваше ваквиот предлог, нарекувајќи го обид за поткопување на нејзините напори за интеграција во еврозоната. Еден од министрите дури изјави дека станува збор за обид за саботажа на државната стратегија.
Одбивајќи го предлогот, Киселова посочи дека истиот е во судир со повеќе членови од бугарскиот устав, како и со европските договори и претходни одлуки на бугарскиот Уставен суд. Судот веќе еднаш го одби барањето за референдум на оваа тема.
Инаку, бугарската влада има намера да го воведе еврото веќе од јануари 2026 година, доколку Европската комисија и Европската централна банка во јуни потврдат дека земјата ги исполнила сите неопходни критериуми за пристапување кон еврозоната.