Јапонскиот производител на автомобили „Nissan“ потврди во вторникот дека ќе затвори седум фабрики и ќе отпушти вкупно 20.000 работни места низ целиот свет во обид да ги намали трошоците.
Во вторникот „Nissan“ објави дека ќе го намали бројот на своите фабрики од 17 на 10 до фискалната 2027 година преку големо реструктуирање.
Компанијата објави дека ќе отпушти 11.000 работни места повеќе отколку што првично планираше. Во ноември минатата година, компанијата објави дека ќе укине 9.000 работни места како дел од реструктуирањето. Се очекува ваквите промени да влијаат на приближно 15 отсто од вработените во „Nissan“, но не е познато на кои локации во глобалните операции ќе бидат намалени работните места.
Јапонскиот производител во вторникот објави и дека ја затворил последната финансиска година, која заврши во март оваа година, со нето загуба од 671 милијарда јени (4,5 милијарди долари).
„Nissan“ моментално вработува околу 6.000 луѓе во својата фабрика во Сандерленд, град во североисточна Англија. Минатиот месец, вишиот потпретседател за производство на операциите на „Nissan“ за Африка, Блискиот исток, Индија, Европа и Океанија, Алан Џонсон, предупреди дека Велика Британија „не е конкурентно место“ за производство на автомобили, додека бараше владина поддршка.
Компанијата се стреми да го намали производствениот капацитет откако неодамна двапати предупреди дека ќе забележи огромна загуба во фискалната година што заврши во март. Деловните резултати на компанијата беа под влијание на забавувањето на продажбата на автомобили во Кина и во САД.
Јапонскиот производител изјави дека реструктуирањето ќе помогне „да се создаде помал, поотпорен бизнис“, предупредувајќи исто така на последиците од плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини од 25 проценти за увоз на автомобили во САД.
По трговскиот договор меѓу Велика Британија и САД постигнат минатата седмица, огромното мнозинство автомобили произведени во Велика Британија ќе бидат предмет на царини од 10 отсто.
Од „Nissan“ изјавија дека целта е заштеда на трошоци од 250 милијарди јени (1,69 милијарди долари) во споредба со претходната фискална година. Планираат да го постигнат ова со затворање фабрики, прилагодување на работните смени и намалување на капиталните трошоци, вклучително и откажување на планираната фабрика за литиумски батерии во Кјушу за електричните возила што ги произведуваат.
„Соочени со предизвикувачки резултати во фискалната 2024 година и зголемување на варијабилните трошоци, влошени од неизвесната средина, мора да го дадеме приоритет на самоподобрувањето со поголема итност и брзина, стремејќи се кон профитабилност што помалку се потпира на обемот“, изјави претседателот и извршен директор на „Nissan“, Иван Еспиноза.
„Како нов менаџмент, ние преземаме разумен пристап кон преиспитување на нашите цели и активно бараме секоја можност за спроведување и обезбедување силно закрепнување. Планот за закрепнување на Re:Nissan јасно ги опишува што мора да направиме сега“, дидаде челникот на „Nissan“.