Повеќе од 100.000 живи бубашваби, чие чување е забрането во Австралија, се конфискувани од еден одгледувач во најголемата заплена на егзотични безрбетници во таа земја досега, соопшти денеска австралиското Министерство за климатски промени, енергија, животна средина и вода.
Во соопштението се наведува дека мадагаскарските шиштечки бубашваби и дубиа бубашвабите, со вредност од 200.000 австралиски долари (122.000 евра), биле заплинети во мај од комерцијален одгледувач во градот Батурст, во сојузната држава Нов Јужен Велс, пренесува АП.
Огромни димензии на егзотичните видови
Мадагаскарската шиштечка бубашваба е една од најголемите бубашваби во светот, со должина од 5 до 7,5 сантиметри, што ја прави многу поголема од вообичаената австралиска бубашваба, која е долга меѓу 2,2 и 3,3 сантиметри.
„Увозот на мадагаскарските шиштечки и дубиа бубашваби во Австралија е строго забранет. Тие во оваа земја не можат легално да се чуваат, одгледуваат или продаваат, без оглед на начинот на кој се набавени“, се нагласува во соопштението на надлежното Министерство.
Од министерството соопштија дека против одгледувачот од кого биле одземени инсектите сè уште не е покренато обвинение, како и дека сите заплинети бубашваби ќе бидат еутаназирани.









