Голем безбедносен скандал ја тресе Грција откако беше уапсен припадник на военото воздухопловство под сомнение дека пренесувал строго доверливи информации во корист на Кина.
Според грчките медиуми, станува збор за офицер на висока позиција, кој бил под надзор на Националната разузнавачка служба уште од октомври минатата година. Се сомнева дека за финансиска надокнада доставувал чувствителни податоци поврзани со телекомуникациски системи, како и дигитални и електронски воени апликации.
Апсењето било извршено во воен објект, во координација со надлежните државни институции. Од Генералштабот на Националната одбрана соопштија дека постоеле сериозни индиции за кривични дела според Воениот кривичен законик – односно собирање и предавање информации од воено значење на трети лица, со потенцијална штета по националната безбедност.
Според извештаите, осомничениот користел специјален уред за фотографирање на документи и планови, кои потоа ги испраќал преку криптиран софтвер директно во Кина. Уредите и дигиталните материјали се запленети и ќе бидат предмет на дополнителна анализа.
Весникот „Катимерини“ наведува дека истрагата се проширува и се проверува дали имал соработници.
Офицерот денеска беше изведен пред Воениот суд за воздухопловство, каде што побарал рок за подготовка на одбраната. Повторно ќе се појави пред истражен судија во вторник.















