Од 1 до 6 јуни, Велес ќе биде во знакот на спортот. Градот ќе биде домаќин на петтото, јубилејно издание на „Спортски игри Велес“ – манифестација која во изминатите години израсна во еден од најмасовните и најзначајните спортски настани во Македонија, со учество на спортисти и гости од повеќе земји.
Во пресрет на јубилејот, директорот на „Спортски игри Велес“, Љупчо Црвенпанов, заедно со Гордан Јорданов, одржаа работна средба со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев. На состанокот беа усогласени организациските активности и наредните чекори за успешна реализација на настанот, при што беше потврдена континуираната поддршка од Општината.
„Кога визијата станува традиција, се слави јубилеј. Пет години спорт, заедништво и континуитет го позиционираа Велес како еден од најважните спортски центри во Македонија. Она што започна како идеја, денес е препознатлив спортски настан и надвор од државните граници“, истакна Гордан Јорданов.
Тој упати благодарност до градоначалникот Марко Колев, министерот за спорт Борко Ристовски, како и до институциите, компаниите, партнерите, волонтерите и сите поддржувачи кои придонесуваат спортските игри да се реализираат успешно и да прераснат во традиција.
















