Вооружен напад врз безбедносен контролен пункт во јужниот дел на Тајланд заврши со петмина загинати припадници на паравоенските единици и шест повредени цивили, меѓу кои има и две деца, пренесува „Бангкок пост“.
Според информациите, шестмина напаѓачи, облечени во црна облека и кои се движеле со црн пикап „Нисан“, го нападнале контролниот пункт Букех Сами во областа Рангае. Тие отвориле силен оган кон припадниците на безбедносните сили, а покрај огненото оружје употребиле и импровизирани експлозивни направи изработени од метални цевки, соопшти Командата за операции за внатрешна безбедност.
Во нападот животот го загубил припадникот Тирајут Сомакерд, како и уште четворица доброволни членови на паравоените единици кои биле ангажирани на контролниот пункт. Покрај загинатите, повредени се шест цивили, а меѓу нив се наоѓаат и две деца кои се затекнале во близина на местото на нападот.
По извршениот напад, вооружената група избегала од местото на настанот. Тајландските безбедносни сили започнале обемна потрага по напаѓачите и работат на нивно идентификување и приведување.
Овој крвав инцидент се случува само неколку дена по експлозијата на автомобил-бомба во близина на полициска станица во областа Муанг, во провинцијата Наративат, што дополнително ја зголеми загриженоста за безбедносната состојба во јужниот дел на земјата.
Заменик-портпаролот на регионалната команда, полковникот Екварит Чобчупол, остро го осуди нападот, нарекувајќи го „суров и нехуман“. Тој нагласи дека нападот бил извршен во населено место, при што напаѓачите не покажале никаква грижа за животите и безбедноста на цивилното население.
Јужниот дел на Тајланд со години се соочува со вооружени судири поврзани со сепаратистичките движења. Според официјалните проценки, од повторното интензивирање на конфликтот во 2004 година досега, во насилствата во трите јужни погранични провинции загинале околу 7.700 луѓе.
Во меѓувреме, тајландската влада продолжува со напорите за обновување на мировниот процес, кој подолг период е во застој. Новиот главен преговарач на Тајланд, Танут Суварнананда, изјави дека преговарачкиот тим ќе ги земе предвид ставовите и предлозите на сите заедници и групи кои се погодени од долгогодишното насилство на југот на земјата.







