ПРВ.мк
Црна Хроника

14 ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА КАЈ СТРУМИЦА: Четворица пожарникари загинаа борејќи се со огнената стихија, нивната храброст не се заборава!

14 ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА КАЈ СТРУМИЦА: Четворица пожарникари загинаа борејќи се со огнената стихија, нивната храброст не се заборава!

Денеска се навршуваат 14 години од една од најтешките трагедии што ги погоди македонските пожарникарски служби. Во големиот пожар кај Струмица, животите ги загубија четворица храбри пожарникари кои до последен момент се бореа со огнената стихија.

На денешен ден се оддава почит на Блажо Стојков, Пено Стојанов, Мите Ѓоргиев и Војо Гркљанов, пожарникарите кои трагично загинаа додека биле на задача и се обидувале да го стават под контрола опасниот пожар.

Од Територијалната противпожарна единица Струмица се потсетија на кобните моменти кога нивните колеги се соочиле со исклучително тешки услови на терен. Во моментите на интервенцијата, четворицата пожарникари биле опколени од огнените јазици, борејќи се со силата на пожарот кој претставувал огромна опасност.

„Секој пожарникар-спасител и секој граѓанин кој учествуваше во гаснењето на овој пожар знае со каква невидена пеколна стихија се соочивме во тие моменти“, порачаа од струмичката противпожарна единица.

Колегите од единицата денеска повторно им оддаваат почит на загинатите пожарникари, нагласувајќи дека нивната храброст, пожртвуваност и последниот чин на професионална должност никогаш нема да бидат заборавени.

Нивните имиња остануваат симбол на храброста и посветеноста на сите пожарникари кои секојдневно го ризикуваат сопствениот живот за да ги заштитат другите.

„Вечна им слава“, порачаа од Територијалната противпожарна единица Струмица, во знак на сеќавање на нивните загинати колеги.

Најнови вести