Силно невреме проследено со обилни врнежи предизвика сериозни поплави во југоисточниот дел на Франција, при што едно лице го загуби животот, а по уште едно се трага. Дождовите, кои започнаа во понеделникот, предизвикаа поројни поплави во повеќе области, од регионот Окситанија до Прованса-Алпи-Азурен Брег.
Врнежите почнаа да ослабуваат вчера околу пладне, но дотогаш надојдените води веќе предизвикаа големи штети. Пороите однесоа автомобили, а цели населби и домови се најдоа под вода. Поради опасноста од поплавите, десетици луѓе беа евакуирани во департманите Еро и Буш-ди-Рон, пренесува „Еуроњуз“.
Една од најтешките последици е смртта на 75-годишен маж во општината Сен-Митр-ле-Рампар, која се наоѓа недалеку од Марсеј. Силниот порој го однел мажот, а неговото тело било пронајдено вчера во Истр. Во потрагата по него бил ангажиран и хеликоптер.
Во меѓувреме, на Корзика продолжува потрагата по лице кое се води како исчезнато. Станува збор за настан во градот Гизонача, во северниот дел на островот. Според информациите од префектурата, реката Фјуморбу однела теренско возило во кое се наоѓале две лица.
Едно од нив успеало да се спаси, излегувајќи од возилото низ прозорецот. Другото лице, сепак, сè уште не е пронајдено, а спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по него.
Евакуации и сериозни проблеми во сообраќајот
Поплавите предизвикаа проблеми и во Истр, град кој се наоѓа на околу 50 километри западно од Марсеј. Таму беа спроведени евакуации, а локалните власти потврдија дека жителите чии домови биле зафатени од водата биле префрлени во спортска сала, каде што им било обезбедено привремено сместување.
Силните дождови и грмотевиците го погодија и градот Линел, во департманот Еро. Градските служби згрижија околу 15 лица во прифатен центар поради последиците од невремето.
Сериозноста на ситуацијата ја покажуваат и снимките објавени на социјалните мрежи, на кои се гледаат автомобили потопени во водата речиси до прозорците. Надојдените води зафатија улици и предизвикаа тешкотии за жителите, додека службите се справуваа со последиците од обилните врнежи.
Невремето сериозно го наруши и сообраќајот во погодените области. Железничкиот сообраќај кон и од Линел останува во прекин, додека во пошироката област на Марсеј делови од автопатиштата се поплавени. Поради опасните услови, некои пристапни патишта биле затворени за сообраќај.
Проблеми имало и во самиот Марсеј, каде што трамвајскиот сообраќај бил запрен вчера наутро.
Обилните дождови предизвикаа поплави на повеќе локации во јужна Франција, принудувајќи ги властите да организираат евакуации и да преземат мерки за заштита на населението. Додека временските услови почнаа да се смируваат, спасувачките екипи продолжуваат со активностите, особено на Корзика, каде што едно лице сè уште се води како исчезнато.







