Украинската војска извршила масовен напад со беспилотни летала врз Ростовската област во Русија во текот на ноќта, по што бил пријавен пожар во близина на рафинеријата за нафта во Новошахтинск.
Како што пренесува „Киев индепендент“, жителите на Новошахтинск пријавиле дека голем број дронови се приближувале кон градот, непосредно пред да биде забележан пожар во областа каде што се наоѓа нафтениот комплекс.
На социјалните мрежи се појавиле снимки на кои се гледа огнено небо над подрачјето на рафинеријата. Рускиот истражувачки канал „Астра“, анализирајќи ги објавените видеоматеријали, оценил дека најверојатно биле зафатени резервоари за складирање гориво.
Гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, потврдил дека руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништила повеќе од 50 беспилотни летала над Новошахтинск и уште седум окрузи.
Информациите за евентуални жртви и материјална штета сè уште се собираат. Руските власти засега не потврдиле дека самата рафинерија повторно била директно погодена.
Рафинеријата веќе беше тешко оштетена пред само пет дена
Новошахтинската рафинерија ја прекина работата на 23 ноември, по комбиниран украински напад со ракети и беспилотни летала.
Одговорноста за тогашниот напад ја презедоа Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана (ГУР).
Според нивното соопштение, биле погодени производствени погони, резервоари за складирање нафтени деривати, како и објекти на приватната компанија „Тата-газ“.
Руската новинска агенција „Интерфакс“ на 25 ноември објави дека пожарникарите и два дена по нападот сè уште не успеале да го изгаснат пожарот во одредени делови од рафинеријата.
Сљусар тогаш потврдил дека постројката претрпела сериозни оштетувања и дека обновата ќе започне по завршувањето на вонредната состојба. Во тој напад, според објавените информации, немало загинати или повредени.
Еден од важните снабдувачи со гориво во јужна Русија
Рафинеријата во Новошахтинск започнала со работа во 2009 година. Според податоците што ги пренесува „Украинска правда“, нејзиниот проектиран годишен капацитет изнесува меѓу 5,6 и 7,5 милиони тони нафта.
Во постројката се произведуваат бензин, дизел, авионски керозин, мазут и битумен. Рафинеријата е поврзана и со системот на магистрални нафтоводи на руската компанија „Трансњефт“.
Објектот повеќепати бил цел на украински напади, а производството претходно било прекинувано и по ударите во август 2025 и септември 2026 година.
Украинската војска засега не се огласила за најновиот напад.







