Нови декласифицирани документи на Пентагон повторно ја разгореа мистеријата околу неидентификуваните летачки објекти, откако американските власти објавија десетици извештаи, сведоштва и снимки поврзани со необјаснети појави забележани во различни делови од светот.
Документите биле објавени по налог на американскиот претседател Доналд Трамп, а според светските медиуми, станува збор за околу 160 датотеки кои сега се достапни на страницата на американското Министерство за одбрана.
Во извештаите се содржани сведоштва од цивили, воени лица, па дури и астронаути, а дел од материјалите се однесуваат на настани стари повеќе децении.
Посебно внимание привлекуваат претходно класифицирани разговори меѓу астронаути за време на мисиите Аполо 11, Аполо 12 и Аполо 17. Во нив, астронаутите опишуваат чудни светлосни појави и необјаснети феномени што ги забележале за време на патувањата кон Месечината.
Меѓу другото, тие зборуваат за силни извори на светлина, трепкачки светла, блесоци и необични честички кои се појавувале околу вселенското летало.
Во документите има и сведоштво од цивил кој уште во 1957 година пријавил во ФБИ дека видел голем кружен објект како се издигнува од земјата. Слични пријави, според извештаите, има и од последните години.
Еден од најинтересните случаи се однесува на видео снимено во 2022 година на Блискиот Исток, на кое се гледа овален објект што со голема брзина се движи низ небото. Во придружниот извештај тој бил означен како „можна ракета“, но не биле дадени конечни објаснувања.
Дополнително внимание предизвика и информацијата дека во 2023 година над Егејското Море било забележано НЛО кое, според воен извештај, изведувало „повеќекратни вртења од 90 степени“ со проценета брзина од околу 130 километри на час.
Во дел од извештаите се наведува дека некои објекти изведувале маневри кои, според сведоците и анализите, тешко можат да се објаснат со моментално позната технологија.
И покрај бројните сведоштва и снимки, американските власти и понатаму тврдат дека нема официјално потврдени докази за постоење на вонземска технологија или живот.







