Зад спектакуларната пљачка на златара, која е целосно регистрирана од надзорните камери и се случила во германскиот град Дуизбург, според сомневањата на истражителите стои озлогласената криминална група „Пинк Пантери“.
Како што пренесуваат германските медиуми, пљачката се случила на 19 јануари, а сите детали од акцијата се јасно видливи на безбедносните снимки.
Маскирани разбојници со украден автомобил со голема брзина влетале во трговскиот центар „Форум“, кој се наоѓа во центарот на градот. Петмина маскирани мажи упаднале во златарата сместена во приземјето на објектот и со пајсери ги искршиле стаклените витрини.
Според информациите, сторителите околу 4:30 часот наутро со мал автомобил успеале да ги пробијат влезните врати на трговскиот центар, а потоа директно да се забијат во излогот на златарата.
На видеоснимките се гледа како петтемина маскирани лица методично ги кршат витрините и го собираат накитот во портокалови торби. Целата акција траела околу две минути, за кои украле накит и злато во вредност од најмалку 760.000 евра, односно околу шест килограми злато, како и скапоцени камења. Вкупната штета се проценува на речиси еден милион евра.
Полицијата била алармирана од безбедносната служба на трговскиот центар и пристигнала на местото на настанот неколку минути подоцна, но сторителите веќе успеале да побегнат. На местото бил пронајден и обезбеден напуштен син автомобил марка „Опел Корса“.
При проверка на возилото било утврдено дека регистарските таблички биле украдени и не припаѓале на автомобилот, што дополнително укажува на добро организирана и планирана акција.
Германските медиуми информираат дека истата ноќ, околу 3 часот наутро, било направено и обид за провала во уште една златара на улицата Кенигштрасе. Таму сторителите го уништиле излогот на продавницата на аголот од улицата Клаубергштрасе, но поради дополнително безбедносно стакло не успеале да дојдат до накитот и биле принудени да се повлечат без плен.
Истрагата ја презел Криминалистичкиот комесаријат 14, кој ги испитува можните врски меѓу двата инцидента. Уште во текот на ноќта, криминалистичката полиција обезбедила траги на двете локации, а запленетиот автомобил ќе биде детално анализиран со цел пронаоѓање дополнителни докази.
Посебна мистерија за истражителите претставува прашањето како сторителите, и покрај заштитните столпчиња, успеале со возило да влезат во пешачката зона и да стигнат до самиот трговски центар. Токму ова прашање е во фокусот на тековната истрага.
Полицијата апелира до граѓаните доколку имаат какви било информации или забележале сомнителни активности во ноќта меѓу сабота и недела, да се јават во Криминалистичкиот комесаријат 14.

















