Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени го погоди западниот дел на Колумбија, предизвикувајќи сериозна материјална штета и прекини во сообраќајот. Потресот бил почувствуван во повеќе делови од земјата.
Според Геолошкиот институт на САД (USGS), земјотресот бил регистриран во 7:34 часот по локално време. Епицентарот бил во близина на Сан Хозе дел Палмар, во департманот Чоко, на длабочина од околу 107 километри.
Најтешките последици според првичните информации се регистрирани во повеќе градови. Од Кали пристигнале информации за урнати објекти, а градоначалникот потврдил дека 20 згради биле срушени и дека има луѓе заробени под урнатините.
На снимките што се појавија на интернет се гледаат граѓани кои се обидуваат да помогнат во расчистувањето на урнатините. Сериозни оштетувања се пријавени и во Манизалес, Ерменија и други подрачја погодени од силниот потрес.
Гувернерката на Чоко, Нубија Каролина Кордоба Кури, потврди дека од Кибдо пристигнуваат информации за повредени лица и сериозно оштетени објекти. Таа истовремено предупреди дека постои можност за дополнителни потреси.
Последователни потреси
По главниот земјотрес бил регистриран и последователен потрес со магнитуда од 4,8 степени. Надлежните служби продолжуваат да го следат сеизмичкото подрачје поради можноста за нови потреси.
Прекинат воздушниот сообраќај
Земјотресот предизвикал проблеми и во воздушниот сообраќај. Привремено бил прекинат сообраќајот на шест аеродроми во Колумбија поради регистрираните оштетувања.
Погодени се аеродромите во Переира, Манизалес, Кибдо, Ерменија, Картаго и Буенавентура. Националната агенција за цивилно воздухопловство потврдила дека летовите на овие терминали се прекинати додека се проценува состојбата.
Во меѓувреме, спасувачките екипи се на терен и ги проверуваат оштетените објекти, додека информациите за бројот на повредени и евентуални жртви се очекува да се дополнуваат како што ќе продолжува проценката на последиците.
Земјотресот предизвика паника во повеќе населени места, а снимките од теренот покажуваат дека силното тресење оставило значителни последици врз објектите и инфраструктурата.





