ПРВ.мк
Свет

СЕ ПОДГОТВУВА ЗАТВОР КАКОВ ШТО ДОСЕГА НЕ Е ВИДЕН: Криминалците ќе бидат изолирани во брод-темница!

СЕ ПОДГОТВУВА ЗАТВОР КАКОВ ШТО ДОСЕГА НЕ Е ВИДЕН: Криминалците ќе бидат изолирани во брод-темница!

Колумбија подготвува нова, исклучително строга мерка во борбата против организираниот криминал. Владата планира изградба на високобезбедни „мега-затвори“, но и претворање на брод на колумбиската морнарица во пловна казнено-поправна установа наменета за најопасните водачи на криминалните организации.

Планот повторно го потврди претседателот Абелардо Ла Есприела, кој порача дека целта е да се прекине влијанието што моќните криминални структури го имаат врз активностите што се одвиваат од затворите.

Според најавите, мегазатворите би биле изградени со учество на приватниот сектор, додека паралелно се работи и на проектот за пренамена на брод на колумбиската морнарица.

Во подготовката на планот се вклучени Министерствата за одбрана и правда, како и Националниот институт за казнено-поправни установи и затвори (ИНПЕЦ).

Водачите на криминалните групи би биле изолирани

Основната идеја зад пловниот затвор е најопасните криминалци да бидат физички оддалечени од копното и од мрежите преку кои можат да продолжат да управуваат со криминални активности.

Особено внимание се посветува на спречувањето на комуникацијата преку мобилни телефони, бидејќи во повеќе случаи било утврдено дека лица кои се наоѓаат зад решетки продолжуваат да управуваат со изнудувања, трговија со дрога и други криминални активности.

Извори од затворскиот систем за весникот „Темпо“ навеле дека проектот би можел да стане реалност во рок од неколку месеци.

Идејата, сепак, не е целосно нова. Употребата на брод како затвор веќе била разгледувана за време на претходната влада на Густаво Петро, но тогаш планот не бил реализиран.

Затворите станаа центри од кои се управува со криминал

Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат колумбиските власти е фактот што дел од криминалните лидери продолжуваат да ги контролираат своите организации и по нивното апсење.

Од затворите биле организирани различни криминални активности – од изнудување пари и дистрибуција на дрога до планирање насилни напади.

Како пример се наведува случајот со Обер Рикардо Мартинез Гутиерез, познат како „Ел Негро Обер“, водач на криминалната група „Лос Растрохос“. Во 2023 година биле објавени видеоснимки кои покажале дека тој од затворот Палогордо во Сантандер вршел повици до трговци и им се заканувал доколку не ги исполнат неговите барања.

Токму ваквите случаи се меѓу причините поради кои властите сакаат најмоќните криминални фигури да бидат изолирани од останатите затворски системи.

Колумбија веќе има искуство со затворски бродови

Иако звучи како нова идеја, Колумбија веќе користела бродови како места за издржување казна.

Пред околу две децении, за време на мандатот на поранешниот претседател Алваро Урибе, еден од најпознатите колумбиски нарко-босови бил преместен на затворски брод во Тихиот Океан.

Станувало збор за Диего Фернандез Монтоја, познат како „Дон Диего“, кој бил поврзуван со моќни криминални и паравоени структури. Одлуката за негово преместување уследила откако било утврдено дека потмитувал затворски службеници за да добива различни услуги и заштита.

Новата иницијатива затоа претставува враќање на модел што Колумбија веќе го има тестирано, но овојпат со намера да биде дел од поширока стратегија за справување со организираниот криминал.

Доколку планот биде реализиран, најопасните криминални лидери би можеле да бидат одвоени од копното и од комуникациските канали преку кои, и покрај затворските решетки, продолжуваат да влијаат врз криминалните мрежи.