Рускиот напад врз Украина достигна невиден интензитет со вкупно 728 лансирани дронови и 13 ракети, објавија украинските воздухопловни сили денеска.
Украинските системи за противвоздушна одбрана успеаја да соборат 718 дронови и седум ракети, според официјалните информации објавени на Телеграм каналот на воздухопловните сили.
Во нападот на украински дрон на плажа во рускиот град Курск загинаа три лица, меѓу кои и руски војник кој учествувал во спасувачки операции, а седум други се повредени, соопшти вршителот на должноста гувернер на регионот што се наоѓа на границата со Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку својот профил на социјалната мрежа Икс изјави дека:
„Вкупно имавме најголем број воздушни цели досега – 741, вклучувајќи 728 дронови од различни типови, меѓу кои и над 300 од типот Шахед, како и 13 ракети, вклучувајќи Кинжал и Искандер. Го користевме и нашиот систем на дронови-пресретнувачи кои уништија десетици непријателски цели. Благодарам на нашите војници за нивната прецизност.“
Зеленски додаде дека по нападот, низ многу украински региони се изведуваат операции за санирање на последиците. Главниот удар беше насочен кон градот Луцк, но штета е забележана и во региони како Днепропетровск, Житомир, Киев, Кировоград, Николаев, Суми, Харков, Хмелницки, Черкаски и Чернихив.
Претседателот ја оцени оваа акција како јасен сигнал, особено во време кога се вложуваат големи напори за мировни преговори и договор за прекин на огнот. Тој нагласи дека Русија ги одбива сите такви иницијативи, што ја прави неопходна зголемена санкциска политика.
„Ова е уште еден доказ зошто ни требаат строги санкции, особено насочени кон нафтата, бидејќи таа ја финансира руската воена машинерија веќе повеќе од три години. Потребни се и секундарни санкции против оние што ја купуваат таа нафта и на тој начин ги поддржуваат убиствата. Нашите партнери знаат како да извршат притисок за да ја натераат Русија да размисли за прекин на војната, наместо за нови напади. Сите кои сакаат мир мора да дејствуваат“, порача Зеленски.
ВИДЕО