ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) ПАМПЛОНА ВО ХАОС: Илјадници луѓе излегоа на улиците, започна познатата трка со бикови на Сан Фермин!

(ВИДЕО) ПАМПЛОНА ВО ХАОС: Илјадници луѓе излегоа на улиците, започна познатата трка со бикови на Сан Фермин!

Повеќе од 12.000 луѓе го исполнија центарот на Памплона во северна Шпанија, означувајќи го почетокот на еден од најпознатите и најконтроверзни фестивали во светот – Сан Фермин, кој традиционално е познат по опасната трка со бикови.

Фестивалот започна со спектакуларниот „Chupinazo“ – мала ракета која се испукува од балконот на градското собрание, со што официјално започнува осумдневната прослава.

Во моментот кога ракетата го означи почетокот на манифестацијата, улиците и плоштадите беа преполни со посетители облечени во традиционална бела облека со црвени шалови. Луѓето пееја, танцуваа и го славеа почетокот на фестивалот со истурање вино и сок од грозје.

Најголемо внимание, како и секоја година, привлече првата трка со бикови низ тесните улици на стариот дел од градот. Неколку бикови, тешки околу 600 килограми, биле пуштени на патека долга 848 метри која води до арената за бикови.

Првата трка оваа година не поминала без последици – пет лица биле повредени додека се обидувале да ја поминат опасната патека заедно со животните.

Фестивалот Сан Фермин има долга историја, а трките со бикови се одржуваат повеќе од еден век. Од 1924 година досега, во оваа традиција животот го загубиле 16 лица.

Покрај трката со бикови, посетителите можат да присуствуваат и на бројни концерти, улични паради и други културни настани кои се дел од прославата.

Сепак, фестивалот секоја година предизвикува и големи реакции од организациите за заштита на животните. Активисти повторно организираа протести против борбите со бикови, а некои од нив се појавија со симболични рогови и тела обоени со црвена боја.

Популарноста на Сан Фермин дополнително се прошири низ светот благодарение на американскиот писател Ернест Хемингвеј и неговиот роман „И сонцето изгрева“, кој ја прикажува атмосферата на Памплона и годинава одбележува 100 години од објавувањето.

Денес фестивалот привлекува туристи од сите краишта на светот – од Европа и Австралија, до Азија и САД. Традицијата на оваа прослава потекнува од крајот на 16 век и е посветена на светецот-заштитник на Памплона, Сан Фермин.

ВИДЕО

Најнови вести