Северноирскиот град Белфаст беше зафатен од сериозни немири и насилни протести, при што беа запалени куќи, автомобили, деловни објекти и полициски возила. Нередите избувнаа откако во јавноста се проширија информации за напад со нож во кој едно лице се здобило со тешки повреди на главата и вратот, а светските медиуми објавија дека осомничениот е имигрант од Судан.
Според информациите на светските агенции, стотици демонстранти излегле на улиците во повеќе делови од Белфаст, а дел од нив се судриле со полицијата. Маскирани групи млади лица се собрале на различни локации низ градот, по што полицијата распоредила оклопни возила во обид да ја стави ситуацијата под контрола.
Во текот на ноќта биле запалени голем број возила, меѓу кои и автобус во источниот дел на Белфаст. Весникот „Белфаст телеграф“ објави фотографии на кои се гледа полициско оклопно возило погодено со молотов коктел, како и опожарени полициски и приватни автомобили, па дури и трактор.
Според извештаите на Би-Би-Си, група од околу 100 мажи нападнала куќи во Источен Белфаст. Толпата удирала по вратите и кршела прозорци на домовите, додека извикувала пораки насочени против странците.
Насилствата не се ограничиле само на станбени објекти. Локалните медиуми објавија дека бил запален супермаркет во кој се продавале производи од Блискиот Исток, додека турска берберница во областа Баликлер исто така била цел на напад.
Поради сериозноста на ситуацијата, дел од жителите на источен Белфаст биле евакуирани од своите домови поради пожарите што избувнале во населените места. Од Противпожарната служба соопштиле дека во текот на ноќта интервенирале на дури 62 инциденти, од кои најголемиот дел биле регистрирани токму во Белфаст.
Нереди биле пријавени и во други делови на Северна Ирска, вклучувајќи ги Њутаунаби и Портадаун, што дополнително ги зголемило стравувањата од поширока ескалација на насилствата.
Првата министерка на Северна Ирска, Michelle O'Neill, остро ги осуди нападите, нагласувајќи дека не постои никакво оправдување за ваквите постапки. Таа изјави дека групите маскирани лица кои палат домови и предизвикуваат страв кај граѓаните покажуваат, како што рече, „одвратен кукавичлук“.
И министерката за правда на Северна Ирска, Naomi Long, реагираше на случувањата, обвинувајќи крајнодесничарски онлајн агитатори дека придонеле за ширење расни тензии по нападот со нож. Според неа, на социјалните мрежи имало координирани обиди за поттикнување незадоволство и дополнително вжештување на атмосферата околу прашањето за имиграцијата.
Во меѓувреме, полицијата соопшти дека осомничениот Суданец влегол во Северна Ирска преку ирската граница во февруари 2023 година, откако претходно пристигнал во Даблин со лет од Париз. Тој поднел барање за азил, а британските власти му одобриле дозвола за престој во Обединетото Кралство до 2028 година.







