Страшна природна катастрофа го погоди Непал, во близина на границата со Тибет, каде силна поплава предизвика големи разурнувања и свлечишта. Според досегашните информации, најмалку 18 лица го загубиле животот, додека речиси 400 луѓе се водат како исчезнати.
Поплавата се случила северно од главниот град Катманду, а спасувачките екипи се соочиле со исклучително тешки услови на теренот. Поради тоа што настанот се случил во пограничен регион, спасувачките активности се одвиваат и на непалска и на тибетска страна.
Се трага по стотици луѓе
Според првичните информации, меѓу исчезнатите има голем број туристи. Се проценува дека околу 290 туристи и приближно 90 локални жители сè уште се водат како исчезнати.
Досега се спасени повеќе од 88 лица, а спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат погодените подрачја.
На снимките кои се појавија на социјалните мрежи може да се видат луѓе кои во обид да се спасат од надојдената вода се искачуваат на покривите на објектите. Во спасувањето се вклучени и хеликоптери.
Се истражува што ја предизвикало поплавата
Една од можните причини за катастрофата е поврзана со земјотрес кој, според првичните проценки, можел да предизвика лавина во планинскиот предел.
Снегот и водата од лавината потоа се слеале во голема река, предизвикувајќи нагло зголемување на водостојот и поплавување на околното подрачје.
Сепак, причините и точниот тек на настаните допрва треба да бидат детално утврдени.
Немало предупредување
Особено загрижува информацијата дека, според извештаите, жителите и луѓето кои се наоѓале во погоденото подрачје немале претходно предупредување за надоаѓањето на водата.
Во регионот и претходно имало свлечишта, особено за време на сезоната на дождови, но размерите на оваа несреќа биле неочекувани.
Спасувачките служби и понатаму работат на терен, а властите стравуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи голем број лица сè уште се водат како исчезнати.




