Вистинска драма се случила во Националниот парк Јелоустоун во САД, каде што турист бил тешко повреден откако бил нападнат од бизон, кој со силен удар го фрлил околу два и пол метри во воздух.
Повредениот Карл Исом-Мекдениел моментално закрепнува од повеќекратни скршеници, а инцидентот се случил додека шетал низ паркот заедно со својот внук.
Според неговото сведочење, бизонот првично мирно лежел и не покажувал никакви знаци на агресија. Туристот застанал накратко да го фотографира животното, а потоа продолжил по патеката. Само неколку секунди подоцна ситуацијата целосно се променила.
„Го видовме бизонот како лежи и не покажуваше никаква агресивност“, изјавил Исом-Мекдениел од болничкиот кревет.
Тој раскажува дека бизонот почнал да го следи околу едно дрво, а потоа ненадејно тргнал кон него, силно го оттурнал и го исфрлил високо во воздух.
„Се движат со брзина што е тешко да се замисли. Избра цел, а тоа бев јас“, изјавил тој, опишувајќи го моментот на нападот.
По инцидентот, туристот бил пренесен во болница, каде што лекарите констатирале повеќе скршеници во пределот на колкот. Тој вели дека имал голема среќа што не претрпел уште посериозни повреди.
Експертите посочуваат дека ваквите напади не се невообичаени во овој период од годината. Според Алисон Велборн од зоолошката градина „ЗуМонтана“, бизоните во моментов се во сезоната на парење, која трае од средината на јули до крајот на август, период кога можат да бидат значително поагресивни и понепредвидливи.
„Мислам дека не направил ништо погрешно. Околностите едноставно беа несреќни“, изјавила Велборн, нагласувајќи дека посетителите треба да одржуваат безбедно растојание и да бидат особено внимателни кога се движат во близина на дивите животни.
Од Управата на Националниот парк Јелоустоун соопштија дека бизонот нема да биде усмртен ниту преместен, бидејќи станува збор за диво животно кое реагирало во своето природно живеалиште. Со ваквата одлука се согласиле и експертите, како и самиот повреден турист.









