ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) КИЕВ ПОД ЖЕСТОК НАПАД: Горат згради, има загинати - Русија изврши нов масовен напад!

(ВИДЕО) КИЕВ ПОД ЖЕСТОК НАПАД: Горат згради, има загинати - Русија изврши нов масовен напад!

Русија во текот на ноќта изврши нов масовен напад врз украинскиот главен град Киев, при што, според последните информации, загинаа девет лица, а најмалку 46 се повредени. Нападите предизвикаа големи пожари и сериозни оштетувања на станбени и други објекти, додека на бројни снимки што се појавија на социјалните мрежи може да се видат висококатници зафатени од пламен.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил насочен кон објекти поврзани со украинската одбранбена индустрија, енергетски компании и инфраструктура на воени аеродроми во регионите Киев, Днепропетровск, Полтава, Черкаси и Чернихив. Според Москва, во операцијата било употребено прецизно оружје со долг дострел лансирано од копно, воздух и море, како и беспилотни летала.

Од украинска страна, началникот на градската воена администрација Тимур Ткаченко соопшти дека бројот на жртвите се искачил на девет, додека 46 лица се повредени. Нападите предизвикале пожари на повеќе локации низ градот, а спасувачките екипи интервенирале во текот на целата ноќ.

Особено погоден бил градскиот округ Подилски, каде што делумно била уништена станбена зграда меѓу петтиот и деветтиот кат. Освен тоа, оштетени биле и други висококатници, како и три станбени згради во округот Дарнички.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека во Подилски биле уништени и една нестанбена зграда, неколку гаражи и магацин, додека штети биле регистрирани и во областите Холосиевски и Дарнички. Во пошироката околина на главниот град, во заедниците Буча, Вишгород и Бровари, пријавени се оштетувања на куќи, деловни објекти и друга цивилна инфраструктура.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека разузнавачките служби располагаат со информации оти Русија подготвува нови масовни напади. Во своето видеообраќање тој изјави дека ваквиот напад дошол веднаш по Денот на независноста на САД и непосредно пред најавениот самит на НАТО во Анкара.

Во меѓувреме, борбите продолжуваат и на фронтот. Според украинските власти, во текот на изминатото деноноќие биле регистрирани 201 судир, а во правците Покровск и Славјанск украинските сили одбиле десетици руски напади. Во Запорожје, пак, бројот на повредени по напад со две бомби ФАБ-500 се зголемил на 14, додека едно лице го загубило животот.

Од Кремљ соопштија дека Русија планира воспоставување безбедносна, односно тампон-зона долж границата со Украина, наведувајќи дека тоа е одговор на, како што тврдат, заканите од украинска страна. Во исто време, Москва повторно соопшти дека Константиновка има важно стратешко значење во понатамошните воени операции.

Во текот на денот беше објавено и дека по честитките по повод Денот на независноста на САД, американскиот претседател Доналд Трамп одделно разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

ВИДЕО

Најнови вести