Вистинска драма се случувала на небото над Грција, откако патници на летот на „Рајанер“ од Солун кон Минхен доживеале опасен инцидент кратко по полетувањето.
Според сведоштвата на патниците, во текот на летот одеднаш се слушнал силен удар, по што еден од прозорците на авионот напукнал и сериозно се оштетил. Настанот предизвикал голема вознемиреност меѓу патниците, бидејќи веднаш се појавиле проблеми со притисокот во кабината.
По оштетувањето на прозорецот, автоматски се активирале кислородните маски, а патниците се соочиле со моменти на страв и неизвесност додека екипажот реагирал на ситуацијата.
Најдраматичниот дел од инцидентот, според сведоштвата, се случил кај 61-годишен државјанин на Србија кој седел веднаш до оштетениот прозорец. Патниците раскажале дека поради силниот воздушен притисок тој бил повлечен кон прозорецот, но бил задржан благодарение на безбедносниот појас и брзата реакција на луѓето што седеле до него.
Очевидци за грчките медиуми изјавиле дека сопатниците веднаш се обиделе да му помогнат и го повлекувале назад додека траела кризичната ситуација.
Пилотот веднаш презел мерки, го променил правецот на летот и побарал итно враќање на аеродромот во Солун. И покрај сериозноста на ситуацијата, авионот безбедно слетал, а патниците биле пречекани од спасувачки екипи.
По слетувањето, повредениот српски државјанин бил пренесен во болница со возило на итната медицинска помош поради повреда во пределот на вратот.
Медицинска помош била укажана и на бремена патничка која поради стресот од случувањата била пренесена во болницата „Ипократио“. По деталните прегледи и ултразвук било утврдено дека нејзината состојба и состојбата на бебето се добри, по што била пуштена на домашно лекување.
Надлежните служби дополнително ќе ги утврдуваат причините за оштетувањето на прозорецот и точните околности под кои дошло до овој необичен и опасен инцидент во воздух.









