ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) Голем пожар избувна во близина на аеродром – густ чад го прекри небото

(ВИДЕО) Голем пожар избувна во близина на аеродром – густ чад го прекри небото

Голем пожар избувна вечерва во магацин во местото Митри-Мори, во францускиот департман Сена и Марна, јавува францускиот весник „Ле Фигаро“, повикувајќи се на противпожарната служба.

Густи облаци црн чад биле видливи на километри околу местото на пожарот, а снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како чадот се издига во непосредна близина на аеродромот „Шарл де Гол“, кој се наоѓа на само неколку стотици метри од местото на несреќата.

И покрај близината на пожарот до најголемиот француски аеродром, од управата на „Шарл де Гол“ соопштија дека засега нема никакви последици врз воздушниот сообраќај.

„Во моментов пожарот нема никакви последици врз воздушниот сообраќај на аеродромот ‘Шарл де Гол’“, изјавиле од аеродромската управа за „Ле Фигаро“.

Франција веќе неколку недели се бори со последиците од силниот топлотен бран што зафати голем дел од Европа. Високите температури, сушата и ветерот создадоа поволни услови за избувнување и брзо ширење на пожари, поради што противпожарните служби се во состојба на зголемена готовност.

ВИДЕО

Во изминатите денови беа регистрирани повеќе големи пожари низ различни делови на земјата, а француските власти повторно апелираат граѓаните да бидат особено внимателни и да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожар. Метеоролозите предупредуваат дека жешката воздушна маса ќе се задржи и во наредните денови, што дополнително го зголемува ризикот од нови огнени стихии.