Денеска на планината Улудаг, во близина на турскиот град Бурса, дошло до прекин во работата на жичницата, при што 51 патник останал заглавен во кабините на неколку метри над земјата, пренесува државната телевизија ТРТ Хабер. Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, позната по своите зимски туристички капацитети и хотели.
Патниците биле блокирани поради технички дефект, а на повикот до бројот за итни случаи 112 веднаш биле мобилизирани 96 спасувачи. Во акцијата учествувале припадници на жандармеријата, медицински екипи, пожарникари, како и тимови од Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби, додека помош била обезбедена и од соседниот округ Сакарија. По координирана интервенција, сите 51 лице биле успешно и безбедно евакуирани.
Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, им упати честитки на спасувачките тимови за брзата и ефикасна акција. Во меѓувреме, надлежните институции започнаа истрага за утврдување на причините за техничкиот дефект.
Жичницата во Улудаг е долга девет километри и е една од најдолгите во светот. Првпат е пуштена во употреба во 1963 година, а целосно била реконструирана во 2015 година. Освен како важен превозен систем, жичницата претставува и една од главните туристички атракции во регионот, привлекувајќи посетители од Турција и странство.

















