Неготинецот Бранко Атанасов, кој пред шест недели остана без својот дом по голем пожар, ненадејно починал. Веста ја потврди хуманитарецот Димитар Аврамов за viki.mk, кој исто така соопшти дека донациите кои се собираа за обнова на куќата ќе бидат предадени на неговите роднини.
-„Веста за смртта на Бранко сите нè затекна. За жал, тој не дочека да се всели во привремената пензионерска гарсониера и, како што планираше, со помош на хуманиот народ да си изгради нов дом. Јас не сум во Македонија во моментот, но разговарав со негови пријатели, кои велат дека тој беше многу потиштен поради немилиот настан. Неизвесноста и стресот од целиот настан едноставно го погодија“, изјави Аврамов.
Негови познаници објаснуваат дека Бранко се обидувал да не покаже колку тешко се носи со ситуацијата, но дека стресот и грижењето од загубата на домот го оптовариле.
-„Тој беше пријателски настроен и ненаметлив човек. Не сакаше никому да пречи со своите грижи. Иако се трудеше да биде смирен, сите можевме да видиме дека минува низ стресна ситуација која силно го погоди. На неговите години, да останеш без ништо навистина не е сеедно“, велат неговите познаници.
Случајот ја истакнува големата човечка и психолошка тежина што ја носи изгубениот дом, како и важноста од поддршка за жртвите на вакви трагедии, особено кога станува збор за постари лица кои остануваат сами со неизвесноста и стресот.

















