Најмалку осум лица загинаа, а 95 се повредени во американските напади извршени во четврток на мостот во градот Караџ, близу Техеран, соопштија локалните власти.
Иранската новинска агенција Фарс објави дека мостот B1 бил погоден додека спасувачките екипи им помагале на жртвите од првиот напад.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави вчера дека „најголемиот мост во Иран е срушен“ и повика Техеран да постигне договор пред да биде предоцна.
На својот профил на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп напиша дека мостот е „срушен и повеќе никогаш нема да се користи“ и додаде дека „ќе следуваат многу други акции“.
Израелската армија демантираше дека таа го погодила мостот, пренесе „Times of Israel“.
Меѓу загинатите биле жители на селото Билкан, минувачи и семејства кои биле во тој регион за Денот на природата, последниот ден од празникот Новруз, објави агенцијата Фарс.
Граѓаните на Иран изразија бес и разочараност:
- „Се чувствувам беспомошно. (Трамп) без срам објавува дека го напаѓа нашиот мост. Не знам до каде ќе оди ова. Зошто никој не го застанува? Не ни оставија време, ни враќаат во камено доба“ – изјави еден граѓанин.
Друг млад човек од Техеран рече дека е тажен и разочаран бидејќи гледа како Иран се разурнува, а тој не може ништо да направи.
Нападот на мостот во Караџ исто така загрижи друг млад човек, кој истакна дека мостот можел да ја намали сообраќајната гужва во градот, а сега е уништен без јасна причина.
Според агенцијата Мизан, станува збор за „највисокиот мост на Блискиот Исток“. Мостот бил проектиран да го скрати времето на патување од Техеран до Караџ од еден час на 10 минути и се сметал за „гордост за иранските инженери“, според локалните медиуми.









