Ураганот Мелиса, силна бура од категорија 5, се приближува кон Јамајка со ветрови што достигнуваат 282 км/ч. Метеоролозите предупредуваат дека ова би можела да биде најмоќната бура што некогаш го погодила карипскиот остров, а жителите на Јамајка и Куба се подготвуваат за директен удар, пренесува Ројтерс.
Се очекува ураганот да помине над Јамајка, а потоа да продолжи кон исток кон Куба и Бахамите. Невообичаено топлото Карипско Море помогна бурата да се зајакне, па Јамајка се соочува со катастрофални ветрови и речиси еден метар дожд.
Во обид да соберат важни метеоролошки податоци, американски воени авиони вчера прелетаа низ окото на ураганот – централниот дел на бурата каде владее релативен мир, додека најопасниот дел е околу него, познат како „ѕид на окото“, со најсилни ветрови.
Распонот на ветерот на Мелиса е поголем од целата должина на Јамајка. Премиерот Ендру Холнес нареди задолжителна евакуација на делови од јужниот дел на островот, вклучувајќи го и градот Порт Ројал, и апелираше за меѓународна помош.
„Во регионот нема инфраструктура што може да издржи категорија 5“, предупреди Холнес. И покрај сериозните предупредувања, дел од жителите двоумат да ги напуштат домовите од страв од грабежи, но властите се подготвени да превезат околу 28.000 луѓе со автобуси.















