Русија беше погодена од масовен напад со украински беспилотни летала, кој остави зад себе урнатини, пожари и жртви. Нападите се случија истовремено во најмалку три региони – Самара, Ростов и Пенза, каде загинаа три лица, а уште неколку се повредени.
Во Самара, дронски остатоци предизвикаа пожар во куќа каде загина маж. Во Ростов, беспилотно летало удри во деловна зграда при што загина чуварот на објектот. Во Пензенската област, жена го загуби животот, а две лица се тешко повредени.
Русија тврди дека биле соборени дури 112 украински дронови во само една ноќ. Силни експлозии и пожари ги потресоа и регионите Краснодар, Воронеж, Рјазан, Белгород, како и териториите над Црното и Азовското Море.
Ова е еден од најмасовните напади со дронови врз Русија од почетокот на војната, а властите стравуваат дека ситуацијата дополнително ќе ескалира.