Денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија (ФАЦ) е во знакот на сериозни глобални кризи – војната во Украина, политичката репресија во Грузија, и ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток. Со состанокот претседава Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Првата точка на агендата беше ситуацијата во Украина, каде министрите разговараа преку видеоконференција со украинскиот дипломат Андриј Сибиха. Главниот фокус беше на руската агресија, безбедносната ситуација и идната стратегија на ЕУ за поддршка на Киев.
Потоа следеше дискусија за засилување на воената и економската помош за Украина, како и развој на нејзината одбранбена индустрија. Министрите разговараа и за улогата на ЕУ во глобалните напори за постигнување целосен и безусловен прекин на огнот, потенцирајќи ја неопходноста од дипломатски притисок врз Москва.
На маса се најде и 18-тиот пакет санкции против Русија, кој опфаќа нови економски и политички мерки, но и активности насочени кон руските хибридни напади и прекршувањата на човековите права.
Следна тема беше Грузија, каде ЕУ сериозно ја разгледува можноста за рестриктивни мерки против владата во Тбилиси поради, како што се наведува, засилена репресија врз опозицијата, ограничување на граѓанските слободи, и притисоци врз независните медиуми и активистите. Министрите разменуваа мислења за можното воведување санкции, и побараа од грузиските власти итно почитување на демократските стандарди.
Во попладневниот дел на состанокот, фокусот се префрли на Блискиот Исток, каде главната тема беше хуманитарната катастрофа во Газа. Министерскиот совет разгледа начини како ЕУ може поефикасно да придонесе за целосно укинување на израелската блокада, како и за непречено доставување на хуманитарна помош до цивилното население.
Во контекст на тоа, Калас побара построги санкции – и против екстремистички еврејски доселеници и организациите што ги поддржуваат, но и против Хамас, со цел да се спречи понатамошна ескалација и да се заштитат цивилите.
Сето ова се случува во период на засилена геополитичка нестабилност, каде ЕУ се обидува да ја зацврсти својата надворешна политика и да покаже единствена, решителна позиција во справувањето со конфликтите во соседството и пошироко.