Куба повторно се соочува со голем енергетски колапс, откако државната електроенергетска компанија УНЕ соопшти дека дошло до целосен прекин на националниот електроенергетски систем.
Во објава на платформата X, компанијата информираше дека е регистриран „целосен колапс на националниот електроенергетски систем“, по што веднаш биле активирани протоколите за постепено обновување на снабдувањето со електрична енергија.
И Министерството за енергетика на Куба потврди дека започнал процесот за повторно ставање во функција на системот, но засега не е познато кога целосно ќе биде нормализирано снабдувањето.
Ова е само последен во низата големи прекини на струјата во земјата. На 6 јули без електрична енергија останаа речиси сите 10 милиони жители на Куба, додека во мај погодени беа источните провинции. Во март, пак, целата држава исто така остана без струја поради дефект на електроенергетската мрежа.
Куба со години се соочува со сериозни енергетски проблеми, дополнително отежнати од американското ембарго. Состојбата, според властите, уште повеќе се влошила во јануари, кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе ембарго за нафта, по соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Земјата моментално сама обезбедува околу 40 проценти од потребните количини нафта, што дополнително го отежнува функционирањето на електроенергетскиот систем и ја прави Куба исклучително ранлива на нови прекини во снабдувањето со струја.









