Соединетите Американски Држави започнаа нова ера на трговски конфликти откако ноќеска стапија на сила новите царини на Доналд Трамп. Со стапки од 10% до дури 50%, САД драстично го поскапуваат увозот од десетици држави, во обид да го намалат трговскиот дефицит и да ја заштитат домашната индустрија.
Американската царинска и гранична служба потврди дека наплатата на новите тарифи започнала веднаш по полноќ по нивно време. Привремено олеснување ќе има само за пратки што биле веќе во транспорт – тие ќе влезат по старите услови до 5 октомври.
Највисоки тарифи се воведени за:
- Бразил – 50%
- Швајцарија – 39%
- Канада – 35%
- Индија – 25% (со дополнителни 25% најавени поради купување руски енергенси)
Овие мерки се дел од повторната промоција на националната економија под слоганот „Америка на прво место“. Доналд Трамп на платформата Truth Social изјави дека „милијарди долари ќе се вратат во Америка“ и остро ја нападна левицата и судските институции, нарекувајќи ги „единствената пречка на патот кон американската величина“.
И покрај зголемувањето на царините, САД успеаја да постигнат рамковни договори со осум главни трговски партнери, кои учествуваат со 40% во вкупната американска трговија. Новите договорени тарифи се:
- ЕУ, Јапонија и Јужна Кореја – 15%
- Велика Британија – 10%
- Виетнам, Индонезија и Филипини – 19% до 20%
Овој царински удар доаѓа во момент кога светската економија се обидува да се стабилизира, но Трамп очигледно е решен да ја преформулира трговската карта по своја мерка – без компромис.