Државната изборна комисија на првата седница по распишувањето на локалните избори ги усвои роковите за целиот изборен процес. Листите на кандидати може да се поднесат до 13 септември, а кампањата ќе започне на 29 септември. Првиот круг ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември, кога граѓаните ќе избираат градоначалници и општински советници во 80 општини и градот Скопје.
ДИК ќе побара од МВР податоци за ажурирање на избирачкиот список, кој ќе биде заклучен на 26 септември. Ждрепката за редоследот на ливчињата ќе се одржи до 25 септември, а Кодексот за фер избори треба да се потпише до 27 септември. Три дена пред изборите ќе може да се поднесуваат предлози за набљудувачи.
Собранискиот спикер Африм Гаши повика на фер, демократски и европски стандарди, без притисоци, говор на поделби и злоупотреба на ресурси.
Изборниот циклус ќе чини околу 10 милиони евра, од кои најголем дел се за медиумско покривање и платено политичко рекламирање. Овие избори се најмасовни по бројот на учесници, а кампањата ќе трае 20 дена.