Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола во угостителски објекти во Тетово и тетовското село Желино, при што беа приведени 30 странски државјанки поради злоупотреба на туристичкиот престој.
Контролата се одвивала во ноќта меѓу 9 и 10 август 2025 година, во периодот од 23:30 до 02:30 часот. Акцијата ја спровеле полициски службеници од СВР Тетово, во соработка со Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе од Скопје.
Еден од објектите каде е извршена контролата се наоѓа во село Желино и е во сопственост на 48-годишен маж, а другиот е во Тетово, каде управител е 22-годишно лице од Тетово.
Во двата објекти полицијата затекнала 30 жени од Русија, Бразил, Србија, Албанија, Аргентина и Колумбија. При проверката било утврдено дека тие го злоупотребиле туристичкиот престој во државата, односно престојувале спротивно на целта за која им бил одобрен влезот.
Сите биле задржани во полициската станица. По целосно расчистување и документирање на случајот, против странските државјанки, сопственикот на објектот и одговорното лице ќе бидат поднесени соодветни пријави.